Во просториите на ГРЕЕН ХАБ-КО во Кочани на 4ти август 2025 г.  се одржа панел-дискусија посветена на женската улога во инклузивните политики и мултиетничката соработка, во контекст на европските вредности и процесот на ЕУ интеграција. Настанот е дел од проектот и имаше за цел да ги отвори разговорите за тоа како жените можат да придонесат за изградба на општество каде сите се еднакви, без разлика на етничката припадност.

Жените од различни сектори – образование, локална самоуправа и граѓански организации – ги споделија своите искуства за предизвиците со кои се соочуваат, но и можностите што ги носи воведувањето инклузивни политики во заедницата. Посебно се нагласи важноста на женското лидерство во градењето доверба и соработка меѓу различните етнички групи.

Учесници од различни етнички заедници активно поставуваа прашања и учествуваа во разговорите за родовата еднаквост, образованието и вклученоста на младите жени во граѓанскиот сектор. Се истакна и улогата на жените како мостови кои ги поврзуваат заедниците.

Овој настан  го покажа потенцијалот на жените да бидат двигатели на промени, кои ќе го носат општеството напред во духот на европските вредности како еднаквост, недискриминација и социјална правда.